Двајцата 70-годишни гевгеличани, Кире Арнаудов и Владо Дагалев, синоќа околу 22 часот беа пронајдени од страна на ангажираните екипи од МВР, Шумската полиција, локални ловџии, планинари и членови од семејствата, откако беа алармирани дека се загубиле кај месноста „Круша“, на планината Кожуф.
Потрагата почна откако попладнево, околу 15 часот, стигна аларм од двајцата гевгеличани дека го загубиле патот во близина на „Круша“ и дека не знаат каде се наоѓаат.
Веднаш биле мобилизирани сите екипи кои тргнале да ги бараат по лошите временски услови (дожд и магла), кои го отежнувале барањето, но потрагата сепак имаше среќен крај и тие се веќе вратени живи и здрави кај своите најблиски во Гевгелија.
Инаку, претходно синот на едно од исчезнатите лица се јавил во полицијата и потврдил дека неговиот татко утринава со уште еден пријател заминале на планинска прошетка на Кожув. Последниот контакт со својот татко тој го остварил попладнево околу 17 часот, кога тој му се јавил на мобилниот телефон и му кажал дека се изгубени во реонот на месноста Круша.