Новоизградениот парк во населба Мичурин е уништен, објави на Фејбук градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин.
“Најостро го осудувам вандалскиот чин со кој синоќа беше уништен еден од головите на спортското игралиште во новоизградениот парк во Мичурин. Исто така, бил исечен и кабел за струја со што сторителите директно се изложиле себеси, но и другите граѓани на голема опасност. Случајот е пријавен во полиција и се надевам дека вандалите во најбрзо време ќе бидат пронајдени и соодветно казнети.
Синоќа била уништена урбана опрема и во Паркот на езерата, како и на спортското игралиште во близина на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што претходно биле исклучени рефлекторите. Би сакал да посочам дека граѓаните не смеат да ги отвораат орманите за струја што наоѓаат на спортските игралишта затоа што со тоа го доведуваат својот живот во опасност. Постои посебна служба што се грижи за јавното осветлување и доколку имате забелешка пријавете во Општината.
Уште еднаш апелирам за повисока граѓанска свест и одговорност при зачувување на заедничкиот имот, затоа што сето она што се гради припаѓа на секој од нас.‼️“ го осуди вандалскиот чин Златко Марин.