СУДОТ во Бирмингем ги прогласи Никол Прист (23) и нејзиниот една година помлад поранешен дечко Калум Редферн за виновни за убиството на Кејли-Џејд, тригодишната ќерка на Никол Прист.
Британските медиуми објавија и снимка направена на 8 август 2020 година, само неколку часа пред убиството, на која се гледа како девојчето со нејзината мајка влегува во лифт.
Девојчето починало од тешки повреди на градите и стомакот, а обдукцијата покажала дека имала и голем број постари повреди – фрактури на ребрата, потколеницата и градната коска.
На видеото се гледа како мајката целосно ја игнорира својата ќерка и се гледа во огледало со цигара во устата. Од друга страна, девојчето цело време гледа во својата мајка.
Кејли-Џејд следното утро била пронајдена мртва во нејзината соба.
Нејзината мајка повикала брза помош, но судењето покажало дека тоа го сторила откако нејзината ќерка била со часови мртва. Ако навреме повикала брза помош, девојчето и денес би било живо, утврдил судот.
Гардијан известува дека Прист и Редферн на судењето се обвинувале еден со друг за смртта на девојчето, а судот утврдил дека Кејли-Џејд сепак била повеќе злоупотребувана од нејзината мајка.
Исто така, на судот биле прочитани пораките испратени еден до друг од Прист и Редферн, во кои тие отворено зборувале за малтретирањето на девојчето.
“Ќе ја убијам … Постојано излегува од дневната соба и оди во кујната. Ја претепав затоа што се искака во пелената”, му напишала Прист на своето поранешно момче.
„Во ред – удри ја и за мене“, одговорил тој.
„Секако, миличок“, му напишала Прист во пораката.