Фризерот на Кристијано Роналдо е пронајден мртов во соба во еден хотел во Цирих. Четириесетгодишниот Рикардо Маркес Фереира е пронајден во кревет во локва крв, а сѐ упатува на тоа дека е избоден со нож, објавија весниците Correio de Manha и ABC.
Собарката, која прва влегла во собата и го видела трупот, сведочела дека почуствувала силен мирис на алкохол. Според други сведоци, убиениот бил во друштво на пријател претходно. Луѓето во соседната соба, пак пријавиле во рецепција за чудни звуци кои доаѓаат од наводната криминална сцена. Циришката полиција сè уште трага по убиецот.
Фереира, роден на португалскиот остров Мадеира како и 34-годишниот фудбалер на Јувентус и на португалската репрезентација, последните две години живеел во Цирих.. Во 2015 година, тој објави фотографија на која се гледа како помага во усовршувањето на изгледот на фудбалерот. Убиениот фризер имал и други познати клиенти, меѓу кои и голем број португалски актерки и модели.
Во хотелот престојувал една седмица, па медиумите нагаѓаат дека можеби бил вмешан во тамошното подземје, имајќи предвид дека престојувал во дел од градот познат по проституција и продажба на дроги.