Плоштадот Свети Марко во Венеција и денеска повторно е поплавен и затворен за јавност, откако градот беше погоден од плима со висина од 150 сантиметри, трето највисоко ниво досега забележано. Со четири плими над 140 сантиметри од понеделникот, оваа недела беше најлоша од почетокот на мерењето на плимата во Венеција од 1872 година.
Сепак, и покрај хаотичната состојба, туристите не престануваа да доаѓаат во Венеција. Тие не сакаат да им пропаднат туристичките ангажмани, па иако водата им е до колена, седат во кафулињата на Свети Марко и со уживање го пијат познатото италијанско кафе. Исто така високо ниво на водата не ги спречи да ги посетат скапоцените бутици на “Луј Витон и “Гучи“. Излозите се разгледуваат иако нозете воопшто не им се гледаат во матната вода.
Инаку, според службата за надгледување на плимата и осеката на градот, нивото на морето околу Венеција е 10 сантиметри повисоко отколку што беше пред 50 години.