Германската актерка Настасја Кински иако доживеа светска слава, многумина од филмските критичари сметаат дека таа не била премногу талентирана, ниту дека по некои квалитети се издвојувала од актерките на своето време, туку дека нејзината несекојдневна убавина одиграла пресудна улога во добиените ангажмани.
Настасја со својот изглед целосно ги промени претходно воспоставените стандарди за женска убавина. Таа се прослави во 1981 година појавувајќи се на постер на познатиот фотограф Ричард Аведон, на кој позира гола „обвиткана“ со змија, а јавноста се згрози во 1976 година кога, сè уште малолетна, се појави гола во филмот „Ќерка на ѓаволот“.
Нејзината приказна ја заинтригира јавноста уште за време на нејзините почетоци во филмската индустрија. Постои дури и несовпаѓање околу нејзините години. Имено, според американските власти таа е родена во 1959 година, додека според податоците од Германија, таа е родена во 1961 година.
Израснала во сиромашно семејство, а лошата материјална состојба дополнително допринела за развод на нејзините родители. Почнала да глуми на 12-годишна возраст, а своето филмско деби го имаше во 1975 година во филмот на Вим Вендерс, „Погрешен потег“, каде што наместо актерката Лиза Краузер, Настасја го играше немото девојче Мињон. Кога имала 16 години, таа го напуштила редовното школување, по што посетувала школа за глума кај познатиот Ли Стразберг.
Во 1978 година, таа се појави во еротскиот филм „Остани како што си“ со Марсело Мастројани. Продуцентската куќа „New Line Cinema“ го пушти филмот во Америка во декември 1979 година, што на Кински ѝ донесе голема популарност и на тој пазар. Магазинот „Тајм“ напиша: „Кински е едноставно магична, секси и духовита истовремено, и сето тоа со огромна леснотија“.
Иако звучи помалку застрашувачки, тоа што на толку мала возраст го доби епитетот на сексапилна девојка, нејзе не ѝ пречело, но сепак тоа влијаело на нејзината судбина во годините што следеле.
Оргии со режисерот
Настасја на 15 години започнала романтична врска со познатиот режисер Роман Полански, кој од неа бил постар речиси 30 години. Полански, да потсетиме, во ’77. г. беше обвинет во Америка за силување на тринаесетгодишно девојче. Од Америка, без да ја дочека пресудата, побегна во Париз и повеќе не стапна на американско тло. Ниту во 2003 година, кога освои Оскар.
Според една изјава која ја опишува неговата средба со Настасја, во октомври 1976 година, во Минхен, по првата проба на Вердиевиот „Риголето“ во продукција на Баварската државна опера, Полански се упатил на вечера со еден германски критичар и две девојки. По вечерата, четворицата отишле во неговиот хотелски апартман.
Режисерот легнал со една од девојките, додека другата го забавувала театарскиот критичар. Но, кога режисерот се разбудил во текот на ноќта, видел дека споменатиот критичар го нема, а на фотелјата спиела девојка по име „Наста“. Ја разбудил и ја повикал на секс во тројка, на што таа наводно се согласила без многу двоумење. Подоцна беше откриено целото име на девојката – тоа била Настасја Кински, младата германска актерка. Таа тогаш имала 15 години, а Полански 43.
Во 1994 година, Полански за тоа зборуваше во интервју со познатата ТВ водителка Дијана Соер. Таа го праша: „…што стана со Настасја Кински? На тоа тој одговори: „Таа беше млада и бевме во љубовна врска“. Но, во интервју кое во 1999 година го дала Настасја Кински за магазинот „Гардијан“, таа изјавила дека тоа не била љубовна врска, туку безопасен флерт. Рекла дека можела да биде заведена, но тоа наводно не се случило. Во истото интервју таа изјави дека покрај него се чувствува многу ценето.
Татко предатор
Татко на Настасја бил германскиот актер Клаус Кински, кој се развел од нејзината мајка Рут во 1968 година, кога Настасја имала седум години. По разводот, таа ретко го гледала својот татко, а тој повторно се оженил и ги добил ќерката Пола и синот Николај.
Ужасните обвиненија против Клаус најпрво во јавноста ги изнесе Пола, која тврдеше дека нејзиниот татко сексуално ја злоставувал. Во едно интервју во 2013 година, Настасја негираше дека и таа била жртва на сексуално злоставување од страна на нејзиниот татко, но призна дека тој ја малтретирал на други начини и дека еднаш се обидел сексуално да ја нападне, но не успеал.
– Секогаш ме допираше премногу, ме држеше толку цврсто што мислев дека не можам да избегам. Во тоа време имав четири или пет години, и живеевме во Минхен. Инстинктивно препознав дека тоа не е прегратка на татко, туку повеќе од тоа – рече таа и додаде:
– Тој не беше татко. Дури 99 проценти од времето бев преплашена во негово присуство. Тој беше толку непредвидлив што семејството живееше во постојан страв.
На прашањето што би му рекла денес, доколку има прилика, таа одговорила:
– Би направила сè за да го ставам зад решетки доживотно. Мило ми е што повеќе не е жив.
Клаус Кински почина во 1991 година. Неговата ќерка Пола ја шокираше јавноста кога откри дека татко ѝ почнал да ја злоставува кога имала пет години, а првпат ја силувал кога имала девет години. Ова продолжило до нејзината 19-та година.