Таткото на Бојан Јовановски-Боки 13, денеска како обвинет во Кривичниот суд во целост призна дека на Божик во 2017 го тепал со боксови и клоци неговиот прв сосед свештеникот Виктор Стојчев и оти му нанел тешки телесни повреди.
Тој додаде дека никој не вршел притисок врз него за да го признае делото и дека ќе ја плати штетата, но во неговите завршни зборови се пожали дека провокациите на соседот свештеник продолжуваат и денеска, оти тој не престанува да пишува на „Фејсбук“ за семејството Јовановски.
Инаку, според обвинителниот акт, настанот се случил во дворот на оштетениот. Причина за инцидентот било погрешно паркирано возило од страна на Бојан Јовановски. Кога попот Стојчев почнал да свири за да му даде до знаење на возачот да го препаркира возилото, од својот дом излегол Бојан Јовановски и го препаркирал возилото.
Овинителката во завршните зборови побара Јовановски да биде казнет според законот.
Адвокатката на обвинетиот Јовановски на рочиштето истакна дека Стојчев имал допринос кон инцидентот оти претходно го навредил синот на Јовановски. Таа истакна дека Јовановски е невработен, во лоша здравствена состојба, а првпат е во судир со законот.
Пресудата треба да биде донесена во понеделник