Тамара Тодевска во сабота ќе настапи во првата половина во финалето на 64. Евросонг што се одржува во Тел Авив. По седум години пауза нашата претставничка со песната ,,Proud”” се пласираше во завршницата на музичката манифестација.
Тамара ја имаше честа да ја отвори победничката прес-конференција по одржаната втора полуфинална вечер.
– Македонија по шест години е во финалето. Ние сме многу горди. Јас сум многу горда на мојот тим, на мојата земја. Бидете горди и никогаш не ја криете вашата големина. Најдобриот момент е што пораката ја пренесовме на добар начин. Така што мојата работа ја завршив многу добро. И немаше да успеам без мојот тим – изјави Тодевска пред присутните новинари.
Инаку, нашата земја најдобар пласман на 12-то место имаше во 2006 година, со песната ,,Нинанајна” на Елена Ристеска. Во 2012 година Калиопи со песната ,,Црно и бело“ се пласираше во финалето, и исто така го освои 12-то место.