Хрватскиот новинар и телевизиски водител Петар Влахов синоќа се јавил во Дневник 2 од Тел Авив, Израел и поради тоа стана предмет на шега на Твитер.
Имено, репортерот се јавил од земјата тврдејќи дека тој и екипата биле сведоци на „еден од ракетните удари на Хамас врз Израел, помеѓу Ашкелон и Тел Авив“.
„Неколку ракети паднаа во наша близина. Моравме веднаш да излеземе од автомобилот и да почекаме да заврши ракетниот удар“, кажал новинарот.
Сепак, на социјалните мрежи многумина се посомневале во вистинитоста на неговите тврдења откако во позадина на кадарот се виделе две жени кои прилично опуштено стоеле покрај автомобилот.
Исто така, Влахов на себе имал откопчан шлем, но не и панцир со натпис „PRESS“ кој го носат сите репортери во воените зони. Покрај неубедливото сведочење, некои на социјалните мрежи ги потсетил на ликот Смуцало од цртаниот филм „Mali leteći medvjedići“.