Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков ја промени адресата на живеење. По ново, тој е жител на Охрид, потврдуваат за Канал 5 од скопскиот Кривичен суд.
За промената биле известени од адвокатот на Мијалков, а таа доаѓа пред судот да му даде документ со кој требаше да се јави во затвор, по спогодбата што ја постигна со Обвинителството за три години затвор за случајот „Империја“.
Судот, информацијата од адвокатот, ја проверил и со МВР.
– По добиеното известување од МВР на ден 19.07.2022 година, предметот со комплет списите на истиот ќе биде одстапен на надлежност на Основен суд Охрид, како месно надлежен суд за постапување по конкретниот предмет, потврдија од Основниот кривичен суд Скопје.
До охридскиот суд, пак сè уште патуваат документите од Скопје. Потоа, судот во Охрид ќе треба да му даде упатен акт на Мијалков, за во затворот во Струга каде се упатуваат осуденици до три години затвор. Тој затвор е од отворен вид и таму може само да се преноќува. Вака претходно направи и бизнисменот Орце Камчев кој за „Империја“ се спогоди со Обвинителството на една година затвор и влезе во струшкиот затвор.
Со Мијалков, во ист ден за „Империја“ се спогоди и бизнисменот Тодор Мирчевски на три години затвор. Скопскиот Кривичен суд за него, пак издаде упатен акт, според кој на 12 август тој ќе треба да се јави во скопскиот истражен затвор во Шутка.
И Мијалков и Мирчевски имаат законска можност да го одложат извршувањето на казните, но засега нема најави за тоа. Тие месецов се спогодија за случајот „Империја“, а Мијалков покрај затворската казна прифати и конфискација тешка речиси 36 милиони евра. Му беа конфискувани и 5,4 милиони евра, бидејќи не можеа да се конфискуваат фирмите каде што тој има удел, меѓу кои и во фирмата газда на хотелот „Мериот“.
Извор: Канал 5