Мајкл Џеј Фокс, актерот и ѕвезда на трилогијата „Back To The Future“, повеќе од 30 години се бори со Паркинсонова болест, а во последно време неговата здравствена состојба се влошила, па се движи со помош на инвалидска количка.
Фокс неодамна дал интервју за емисијата „Sunday Morning“ на „CBS“ и признал колку му е тешко.
„Нема да дочекам 80 години. Да, смртта тропа на врата. Нема да лажам. Станува тешко, станува сè потешко. Секој ден е сè потешко“, ѝ раскажал Фокс на новинарката Џејн Поли.
Тој открил дека имал операција за отстранување на бенигнен тумор на ‘рбетот, но зафатот му го нарушил одењето и скршил неколку делови од телото, вклучувајќи рака, лакт, коска на лицето и шака. Актерот објаснил и дека „голем убиец“ кај Паркинсоновата болест е паѓањето, а можат да се појават и проблеми со џвакањето храна и белодробни воспаленија.
На Фокс му била дијагностицирана болеста кога имал само 29 години и беше една од ретките личности на светот која оваа болест ја зафатила на многу рана возраст. Актерот дури 7 години ја криеше дијагнозата од јавноста, а на крајот објасни и зошто го направил тоа.
„Се плашев дека би можеле да ми се смеат кога би дознале дека ја имам таа болест, таа состојба. Знаете, тоа беше навистина чуден период бидејќи 7 години го чував тоа за себе“, изјави Фокс претходно за „BBC“.
Голема поддршка на актерот му е сопругата Трејси Полан со која се ожени во 1988 година и со која ги има близнаците Акина и Шујлер, ќерката Есме и синот Сем.