Откриен нов скандал за поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски кој пред неколку дена си поднесе оставка, пренесува „360 степени“. Имено, џипот што го користел е во сопственост на фирма на еден од хонорарците чиишто имиња Владата ги криеше, а добиваа хонорари во висина од 20 до 50 илјади денари, потпишани директно од поранешниот генсек на Владата, Рашковски.
Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видео опрема. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов, кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот.
Воедно тој целиот свој имот го префрлил на име на неговите малолетните деца, објавија од Алсат.
Имено, во период од 17-ти декември лани до 21-ви јануари годинава, Рашковски својот имот им го префрлил на своите малолетни деца така што на име на неговите деца се водат стан во Скопје од 65 квадратни метри, и земјиште од 11 илјади квадратни метри во скопската викенд населба Побожје во подножјето на Скопска Црна Гора, каде семејството Рашковски треба да гради хациенда од 800 квадратни метри.
Претходно, судот на Рашковски му определи мерка куќен притвор, бидејќи немал имот на лично име.
Вчера Кривичниот суд во Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на останатите две лица опфатени со истрагата за набавка на софтвер, им определи мерки на претпазливост.