Маж и жена вчера избегале од Инфективното одделение од штипската болница откако искршиле еден од прозорците на болничката соба. Тие синоќа се пронајдени и се ставени во домашна изолација, информираа од Министерството за здравство.
Станува збор за маж од Виница и неговата партнерка, државјанка на Хрватска кои без дозвола го напуштиле карантинскиот дел на Инфективното одделение при Клиничката болница во Штип, по што отишле во домот на виничанецот, каде веднаш се ставени во изолација. Според првичните сознанија не биле во контакт со други лица, туку директно заминале дома. Претходно, тие пријавиле во Инфективното одделение дека имаат симптоми на коронавирус по посетата на Италија.
Инаку, двојката на 26 февруари влегле во Република Северна Македонија на граничниот премин Табановце.