Често сме сведоци како бројни познати личности, со надеж дека ќе изгледаат младолико и убаво, претеруваат со естетските корекции, а наместо свежо и блескаво лице, добиваат деформиран изглед.
Последна на списокот на „естетски катастрофи“ се најде британската актерка Даниела Вестбрук, на јавноста најпозната по улогата во серијата „EastEnders“.
Иако е на прагот на 50-та година, актерката нема намера да запре со естетските зафати, иако докторите веќе зборуваат дека претерала со истите.
Вестбрук веќе планира нова операција во која ќе ѝ биде отстранет дел од ребрата и вметнат во образите бидејќи како што вели таа, во текот на годините коските на лицето ѝ се деформирале.
„Едвај чекам да завршат сите операции. Ќе се вратам во својата најдобра и борбена форма, а наредната година ќе наполнам 50 години. Подготвена сум, повеќе од подготвена за целосна физичка трансформација“, напишала актерката која не ја крие среќата што повторно ќе се најде на операциската маса.
Кога се прослави со улогата во „EastEnders“ во 90-те години, Даниела пленеше со природна убавина, но потоа сè тргна по надолна линија по низата неуспешни операции.
Вестбрук станала зависна од естетски зафати, а пред неколку години ситуацијата ескалирала кога на медиумите им открила дека лицето буквално ѝ скапува од силните зафати.
„Јаболчниците и непцата ми скапуваат поради тоа што некогаш бев редовен корисник на кокаин, но и поради лошо направениот естетски зафат од 2015 година поради кој добив остеопороза“, изјави Даниела пред неколку години за „Mirror“.
Зависноста од кокаин ја довела до зависност од пластични операции кои на крајот направиле таа да заврши на улица.
„Живее кај пријателка. Не може да си дозволи да изнајми ниту соба. На своите пријатели им признала дека нема пари и дека прима социјална помош. Пријателите ѝ помагаат, но не сакаат да ѝ позајмуваат пари поради тоа што знаат дека никогаш нема да им ги врати“, изјавил извор близок до актерката пред неколку години за магазинот „Now“.
Вестбрук отворено зборувала дека потрошила повеќе од 250.000 евра на опијатот кој за малку ќе ѝ го уништел животот. Неколку пати посетувала центри за рехабилитација, но во јуни 2020 година по долга терапија објавила дека е конечно добро.