Во текот на големата турнеја во САД, пејачот на култниот бенд „Џејнс Адикшн“ (Jane’s Addiction) Пери Фарел на сцената го удри својот колега, гитаристот Дејв Наваро.
На интернет се проширија неколку видеа од Бостон на кои може да се види како 65-годишниот Фарел го напаѓа гитаристот Наваро во текот на концертот. Другите членови на бендот и тон мајсторите некако успеале да ги раздвојат, а потоа концертот нагло бил завршен.
Сопругата на пејачот Фарел рекла дека тепачката била предизвикана од „напнатост и непријателство“ во бендот во текот на нивната повратна турнеја.
Таа тврди дека фрустрацијата на Фарел растела затоа што бендот бил „прегласен, па поради тоа му го загушувал гласот“. Таа додала дека нејзиниот сопруг страдал од тинитус и воспаление на грлото и „тој не пеел до крајот на песната, туку едноставно врескал само за да го слушнат“. Подоцна, вели, „се скршил и заплакал“.
Меѓутоа, новинарот којшто ја снимил целата ситуација, вели дека Фарел цела вечер покрај себе имал шише со вино.
Бендот вчера се огласи на социјалните мрежи.
„Им се извинуваме на нашите обожаватели поради настанот што се случи синоќа“, напишаа на Инстаграм.
Тие додадоа и дека го откажуваат планираниот концерт во Бриџпорт и дека на обожавателите ќе им ги вратат парите од влезниците.