Македонска пошта ја повлече спорната серија на поштенски марки со кои сакаше да и искаже благодарност на Хрватска за помошта во евроинтеграциите на Македонија. По реакциите на јавноста, спорната марка веќе не може да се најде на сајтот на Пошта.
Пошта со марката за Хрватска, објави сосема погрешна карта – карта на „голема Хрватска“.
Директорот на „Македонски Пошти“ Ејуп Рустеми во телефонски разговор за „Телма“ вели дека го видел пропустот и веднаш свикал Управен одбор кој треба да донесе одлука за повлекување на марките.
„Во моментов имаме он – лајн Управен одбор и треба да донесеме одлука за повлекување на поштенската марка. Утринава веднаш ја тргнавме од нашиот веб сајт.- вели Рустеми и повеќе детали најавува после Управниот одбор.
Инаку, целта на поштенската марка била да ѝ ја искаже својата благодарност на Хрватска за помошта во евроинтеграциите на Македонија. А „Македонски пошти“со серија поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ го одбележува 9 мај. Картата на Хрватска нацртана на марката не ги претставува границите на земјата, туку е карта на Независна Држава Хрватска, квинслишка творба чии водачи се директно одговорни за страдањето на повеќе од милион луѓе.
Дизајнерите ја скицирале мапата на марионетскиот усташки режим, кој во своите претензии ги опфаќал и териториите на денешна Босна и Херцеговина и делови од Србија и Црна Гора.