Модни брендови ги затвораат своите продавници во Русија. Прво беше објавено дека компаниите Шанел, Хермес и Ричемонт ги затвораат вратите, а потоа истото го објави и најголемата луксузна групација LVMH (Луј Витон и Хермес), која има 120 продавници во Русија. Портпаролот на LVMH додаде за медиумите дека компанијата ќе продолжи да им плаќа плати и бенефиции на своите 3.500 вработени во земјата. Одлуката стапува на сила утре.
Хермес објави на LinkedIn малку порано дека привремено ќе ги затвори своите продавници и ќе ги паузира сите комерцијални активности во Русија од вчера вечер. „Длабоко загрижени за ситуацијата во Европа во моментов, за жал решивме привремено да ги затвориме нашите продавници во Русија и да ги паузираме сите наши комерцијални активности“, велат тие.
„Зара“ ќе ги затвори сите 502 продавници на своите осум бренда, вклучувајќи ги „Бершка“, „Пул енд бер“ и „Страдивариус, а и „Х&М“ исто така кажа дека запира со продажбите во Русија.
„Ова дефинитивно ќе ги погоди граѓаните во Москва и Санкт Петербург“, „А што ќе прават сега богатите Руси?“, „На крајот на краиштата нема повеќе луксуз за Русите“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи. Инаку, многумина сметаат дека луксузните брендови ја донеле оваа одлука поради бројните притисоци на социјалните мрежи.
Пред неколку дена иста одлука донесе и ИКЕА, што предизвика огромни гужви пред продавниците на синџирот во Русија. Пред продавниците во поголемите градови, Москва, Санкт Петербург, Омск и Новосибирск, се формираа редици.