Актерот Бранислав Лечиќ и се обрати на јавноста со 15-минутна видео порака во врска со обвинувањата на неговата колешка Данијела Штајнфелд дека ја силувал на 7 мај 2012 година, за време на подготовката на претставата „Дневна заповед“ во Драмски театар во Белград. Лечиќ на снимката вели дека обвинувањето длабоко го погодило него и неговото семејство, а медиумите веќе ја презеле улогата на судија и пресудиле против него.
„Го снимам ова видео со цел да и се обратам на српската јавност заради сè што се случуваше во медиумите последните денови, дека бев обвинет за силување на Даниела Штајнфелд на 7 мај 2012 година додека ја правевме претставата „Дневна заповед“ во БДП на мала сцена. Им ветив на медиумите дека ќе им се обратам само кога ќе одам во обвинителството. Во меѓувреме, добив покана за обвинителството, а ќе биде во петок. Сите мислат или почнуваат да мислат дека сум силувач, монструм, подмолен човек, лицемер. Дека се претставувам на еден начин, а суштината на битието е нешто друго, затоа што сум способен за таков чин што се вика силување на жена. Можеби утре тоа ќе биде некој маж, можеби утре ќе се случи дека сум силувал и деца,“ вели Лечиќ.
Штајнфелд го обвинува познатиот актер, кој е 28 години постар од неа, дека во мај 2012 година ја одвел со својот автомобил на периферијата на Белград, каде ја силувал и „психички, емотивно, физички и сексуално“ ја измачувал.
Лечиќ во видеото ја повика актерката да ја каже вистината, тврдејќи дека меѓу нив не се случило ништо.
„Кажи ја вистината, Даниела, само бевме партнери во работата, максимално се трудев да сфатиш која улога ја играш. Како што во претставата немаше сексуална реализација, знаеш и сама, тоа не се случи и во вистинскиот живот. И ти и јас, а и Бог, знаеме дека немавме ниту љубовен однос, ниту сексуален однос, никогаш,“ вели актерот.
„Зошто една жена би користела вакви средства за да прави профит за себе? Тоа е недостојно за нас како глумци, за партнерите и за жените. Немој тоа да го правиш, не ти треба тоа,“ ѝ порача Лечиќ на Штајнфелд.
„Ако некогаш, во кој било момент, потег, мисла, случаен или намерен гест, те навредив, повредив или понижив… aко која било жена сум ја навредил на таков начин да стекнала впечаток дека сум некултурен, агресивец, предатор, тогаш длабоко ти се извинувам и тебе, Даниела, и на секоја жена која се почувствувала загрозена или потценета,“ додаде актерот во обраќањето.