Првата авторизирана биографија на холивудската дива Елизабет Тејлор беше објавена неодамна и се вика „Elizabeth Taylor: The Grit And Glamour Of An Icon“. Авторката Кејт Андерсон Брауер имала увид во дневниците и писмата на славната актерка, разговарала со членовите на нејзиното семејство и пријателите кои претходно не зборувале за филмската дива.
Вака јавноста ги дозна досега непознатите детали за Елизабет Тејлор, која почина во 2011 година.
Во книгата раскажува и Кристофер Вајлдинг, кој актерката го добила со нејзиниот втор сопруг, актерот Мајкл Вајлдинг. Тој зборувал за нејзината борба со алкохолизмот и злоупотребата на лековите против болки.
„Ме прашa дали можам да дојдам во нејзината спална соба за да ѝ помогнам. Веќе беше прилично под влијание на нешто, ми покажа место на бедрото и ме праша дали би ѝ дал инјекција. Соочувањето со тоа сценарио го исцица сиот воздух од мене и ѝ реков дека ми е жал, но дека не можам да ѝ помогнам во тоа“, рекол тој и додал дека таа потоа го погледнала разочарано па сама си ја забила иглата во ногата, пишува „Пејџ сикс“.
Вајлдинг живеел со својата мајка во раскошна вила во Вашингтон којашто таа ja делела со нејзиниот шести сопруг, сенаторот од Вирџинија Џон Ворнер.
Најголемото откритие во биографијата се однесува на тоа како Елизабет користела наркотици, зависноста не успеала да ја победи ниту по рехабилитацијата во клиниката за одвикнување „Бети Форд“. До 1990 година, тројца нејзини лекари беа обвинети дека ѝ препишувале лекови кои предизвикуваат зависност во огромни количини – тие ѝ напишале 1.000 рецепти за 28 лекови помеѓу 1983 и 1988 година.
Кристофер раскажал дека актерката разговарала со лекарите и во текот на доделувањето на Оскарите и ги молела за поголеми дози. Таа заедно со алкохол земала таблети за спиење и против болки, а користела и повеќе видови наркотици.
„Одеше во кревет зашеметена, неспособна да оди право, зборуваше со детски глас“, рекол тој.
Авторката на книгата ја прикажува актерката и како феминистка која се борела против мизогинијата и против сидата, а во текот на осумдесеттите години собрала повеќе од 270 милиони долари за борба против оваа болест.