Градоначалникот на општина Карпош, лидер на ГРОМ и кандидат за претседател Стевче Јакимовски денес информира дека неговите син и снаа, наместо извод од матична книга на венчани, добиле извод од матична книга на умрени.
Јакимовски објави дека денот на нивната венчавка е впишан како ден на нивната смрт.
– Овие млади луѓе се во шок, можете да замислите секоја годишнина од бракот на што ќе ги потсеќа. Потпишана е Дијана Антониевиќ, веројатно кадар на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не е Албанка не може да е на ДУИ – рече градоначалникот.
Тој посочи дека економските причини за иселување веќе не се оние кои ги бркаат младите, туку тоа што „се давиме во хаос на секое поле“.
– Со вакви „таленти“ е наполнета држвната и јавната администрација. Имаме илјадници црни хумори со партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ и што е најбитно и на нив не им чини администрацијата во зависност дали се власт или опозиција. Малку останавме политичари од титово време што знаат како функционирала државата, се друго резултат на 20 дена кампања и лепење плакати – наведе претседателот на ГРОМ.
Тој додаде дека нефункционалноста на институциите е еден од мотивите што се кандидрал за претседател на државата.
– Да сме држава со закон, ред и поредок, за оваа душевна болка што ја нанеле на едни млади луѓе, државата ќе треба да исплати милиони, меѓутоа ние, за жал, партиите, правиме држава во кој што секој граѓанин ќе биде незадоволен, вклучувајќи ги и самите актери во создавањето на ова незадоволство – рече Јакимовски.