На својот Фејсбук профил, поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева пренесе дел од воведниот говор кој имала пред судот во врска со предметот „Друмарина“, кој го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство.
“Денес сум пред Вас заради невистинитото и паушално обвинение поднесено против мене. За жал, јас бев обвинета и веќе осудена од моите политички неистомисленици и од дел од медиумите под нивна контрола, уште пред да биде доставено оваа обвинение до Вас.
Бев јавно линчувана со години, со конструираните големи лаги дека сум била рекордер во земањето на патни трошоци, потоа дека со криминални пари сум купила станови, со лагите дека сум стекнала фирми како СИЛБО, ЖИКОЛ, катна гаража во Прилеп, казино во Гевгелија, плантажи во Валандово и Дојран и многу други лаги, дури измислија и дека сум имала секс скандал, за сега да ми стават на грб и криминално дејание што не сум го направила.
Моите политички неистомисленици намерно поттикнуваа омраза и злоба против мене со лаги во јавноста, за да ја заслепат и сама да побара да ме осудат, олеснувајќи и одобрувајќи им ја политичката пресметка со мене, само заради тоа што секојпат се борев против криминалните структури во политиката, без оглед дали се леви или десни и заради тоа што секогаш ја кажував вистината и никогаш не замолчав пред било кој авторитет“ напиша Бонева на Фејсбук.