Поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева се огласи на социјалните мрежи дека СЈО ја обвинува дека не патувала, а според неа, во исто време, поднесува докази со кои потврдува дека патувала.
„Денес се изведуваат доказите на обвинителството меѓу кои имаше 53 фактури и тоа само од еден овластен сервис, кои го потврдија континуираното мое патување, поправките и сервисирањата на моето возило, вклучувајќи ги и поправките по 9те сообраќајки што ги доживеав во периодот 2011-2015.
Апсудрно е СЈО да ме обвинува дека воопшто не сум патувала, а во исто време да поднесува докази со кои потврдува дека континуирано сум патувала, дека речосо секој месец возилото било сервисирано заради помината километража и поправано заради големиот број на сообраќајни незгоди.
Со тоа и после денешното рочиште се потврди неоснованоста на обвинението на СЈО дека од 2011 до 2015 год сум била сместена во Скопје, дека не сум патувала и дека сум ги измамила службите на Собранието дека сум патувала!“, напиша Бонева на Фејсбук.
Инаку, Силвана Бонева седна на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Друмарина“како обвинета е дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка.
Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари.