„Последното танго во Париз“ е еден од најконтроверзните филмови на сите времиња.
Режисерот Бернардо Бертолучи и актерот Марлон Брандо заработиле многу пари, ги добиле сите номинации за Оскар, но жената која ја играла главната улога во филмот поминала многу полошо, може да се каже и трагично.
Марија Шнајдер, тогаш деветнаесетгодишна Французинка, го оживеала ликот на Џини, вереница на еден напорен режисер.
Во филмот тие дошле во Париз за да разгледуваат стан и се запознале со американскиот емигрант Пол. Џини и Пол започнуваат страсна врска која кулминира со секс, фамозната сцена со путерот. Токму таа сцена најмногу ја шокирала публиката и критичарите.
„Последното танго во Париз“ е прогласен за срамен филм и во неколку земји е забранет за прикажување, но сцената крие и мрачна тајна.
Моите солзи беа реални
„Сцената не беше во оригиналното сценарио. Ми кажаа дури кога требаше да ја снимаме. Марлон ми зборуваше да не се грижам и дека тоа не е реално, но моите солзи беа реални. Искрено, се чувствував како да сум силувана“, раскажала актерката за „Daily News“.
„Се почувствував понижено, малку како да ме силуваа и двајцата и Марлон и Бертолучи. После сцената Марлон не ме тешеше, ниту пак се извини. За среќа сè од прва снимивме. Повеќе никогаш не се соблеков во филм, после Последното танго иако ми нудеа такви улоги. Денес луѓето се навикнати на такви филмови, но овој премиера имаше во 1972 година и тоа беше скандалозно“, раскажала актерката.
Таа стекнала светска слава, луѓето ја препознавале на улица, но нејзиниот живот тргнал во лоша насока.
„Да се стане славен беше застрашувачки. Во тоа време немавме телохранители, а луѓето често мислеа дека јас сум истиот лик којшто го толкувам на филмското платно и се обидуваа да направат некои работи. Доживеав толку многу непријатности“, раскажала Марија.
Поради целиот тој циркус со славата таа почнала да консумира дрога.
„Почнав со марихуана, преминав на кокаин, ЛСД и хероин. Ми беше тоа некакво бегство од реалноста, тоа беа лудите 70-ти и во тоа време сè се случуваше“, раскажала Марија.
Обид за самоубиство
Славата никако не ѝ одговарала и неколку пати се обидела да се самоубие.
„Два или три пати се предозирав и секојпат ќе се разбудев кога брзата помош пристигнала“, раскажала Шнајдер. Признала дека имала среќа затоа што го преживеала сето тоа.
„Изгубив многу пријатели, но имав среќа што запознав една личност, мојот ангел во 80-тите. Таа личност е заслужна што се извлеков од дрогата“.
На Бертолучи никогаш не му простила
Сите тие животни издигнувања и падови во неа не разбудиле омраза кон другите луѓе. Единствената личност на која никогаш не ѝ простила е Бертолучи.
„Никогаш не му простив за тоа како кон мене се однесуваше. Се сретнавме пред неколку години во Токио, но јас го игнорирав“, изјавила актерката.
Со Марлон Брандо од друга страна останала во добри односи. Вели дека неколку години не можеле да разговараат за „Последното танго во Париз“.
Актерката починала од канцер на 3 февруари во 2011 година на 58-годишна возраст. По кремирањето, нејзината пепел била истурена на крајбрежјето на Атлантикот.