Војвотката од Сасекс, Меган Маркл го посети женскиот центар во Ванкувер, во нејзиниот прв јавен настап откако таа и нејзиниот сопруг, принцот Хари, објавија дека ќе се повлечат од своите улоги како членови на британското кралско семејство.
Насмеаната војвотка е фотографирана заедно со персоналот во женскиот центар, пренесува Си-ен-ен.
– Погледнете со кого пиевме чај денес. Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, не посети денес за да разговараме за прашањата кои влијаат врз животите на жените во заедницата – беше напишано на Фејсбук страницата на центарот, покрај фотографијата од средбата.
Инаку, Меган веќе неколку дена е во Канада заедно со синот Арчи, додека кралското семејство се обидува да се справи со кризата по објавата дека војвотката и војводата од Сасекс сакаат да ги намалат своите должности во кралството.