Објавени се имињата на патниците кои загинаа вчера при уривање на авионот во Русија во кој бил водачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин. Меѓу патниците, посебно внимание привлекува единствената жена која била во авионот, а станува збор за стјуардесата Кристина Распопова. Нејзините фотографии, откако било објавено дека таа е меѓу загинатите патници, се шират на социјалните мрежи.
Во моментот на смрт имала 39 години. Се вработила во компанијата „MNT Aero“, работела по договор и била задолжена за приватни летови. Таа, непосредно пред падот на авионот, му се жалела на семејството поради доцнење на летот. Таа во средата наутро на социјалните мрежи објавила фотографија од својот појадок.
Инаку, таа е сестра на заменик обвинителот на Јемажелинск, Јевгениј Распопов.
Меѓу загинатите бил и Дмитриј Уткин, кој често бил опишуван како основач или ко-основач на платеничката група, иако неговата точна улога била оспорувана.
Роден во 1970 година, Уткин е поранешен офицер во руската воена разузнавачка служба ГРУ и служеше и во чеченските војни и во Сирија. Тој беше меѓу членовите на Вагнер кои учествуваа во руските операции во источна Украина од 2014 година и добија награди од Кремљ.
Во раните 2000-ти, тој служеше 10 години како командант на Втората бригада ГРУ на границата со Естонија, пред да се повлече од војската. Неговата сопруга раскажа како после тоа му недостигал животот на бојното поле.
Тој е виден на видеото објавено од Пригожин во јули, во кое шефот на Вагнер им се обраќа на борците во Белорусија, каде што беа испратени по прекинатиот бунт еден месец претходно. Во видеото Пригожин претставува човек за кој вели дека е Уткин.
Меѓу жртвите е и Валери Чекалов, долгогодишен сојузник на Пригожин, за кој се верувало дека е задолжен за неговата деловна империја. Се вели дека Чекалов ја надгледувал угостителската компанија на Пригожин, која доставувала храна до училиштата низ Русија и ја хранела армијата. Се смета дека тој управувал со некои од деловните операции на Пригожин во Сирија, вклучувајќи ја и неговата нафтена инвестиција во земјата разурната од војна.
Според руските независни медиуми, Чекалов бил задолжен за аранжманите за патување на Пригожин, што го прави еден од ретките луѓе со познавање на таинствените движења на шефот Вагнер. Тој бил одговорен и за личното обезбедување на Пригожин. Минатиот месец, САД воведоа санкции против Чекалов поради неговите врски со Пригожин и за олеснување на испораката на муниција во Русија.
Меѓу загинатите патници се наведени и членови на личното обезбедување на Пригожин, меѓу кои и Сергеј Пропустин, чеченски воен ветеран кој му се придружил на Вагнер во 2015 година.
На списокот на патници се најде и Јевгениј Макарјан, уште еден од командантите на Вагнер. Макарјан му се придружил на Вагнер во 2016 година и се борел како дел од група платеници за време на руската интервенција во Сирија. Тој, наводно, бил повреден во битката кај Кашам, каде што стотици руски платеници беа убиени по американските воздушни напади врз про-Асад силите.
Загина и Александар Тотмина, Вагнеровец за кој се претпоставува дека е еден од телохранителите на Пригожин.