Овен
Овните се импулсивни, непостојани, понекогаш и агресивни луѓе, но секогаш подготвени за акција. Со цел да ја смират својата нервоза и конструктивно да ја искористат огромната енергија, Астрологијата советува Овните секогаш со себе да носат накит со дијаманти, бели сафири или барем горски кристал. Тие ќе ги направат стрпливи во моментите кога обично би ги зафатил очај, кога работите во животот нема да им одат како што посакале. И можеби денес дијамантот е симбол на статусот, но во минатото се верувало дека тој е моќна заштита против сите негативни влијанија. Посебно, ако се носи на левата страна од телото, до кожата. Но, тој е и симбол на среќата и верноста во љубовта. Па, веројатно затоа младоженците на своите невести најчесто им подаруваат прстени со дијаманти, или со друг камен што потсетува на дијамант.
Додека заради својството на белиот сафир да носи мир и да го подигне умот на повисоки енергетски нивоа, тој од секогаш се користел во окултната пракса. А, на својот прст го носел дури и папата Иноченте трети.
Бик
Бакарот, смарагдот и коралот, отсекогаш се сметале за заштитници на Бикот. И додека бакарот заради својата свитливост е симбол на разбирањето и флексибилноста, смарагдот е кралот на камењата со окултна моќ. Митологијата вели дека оттргнат од изворот на Луцифер, смарагдот ја знае моќта на пеколот и умее да се бори против него. Затоа можеби се верува дека светиот грал, садот во кој е собрана крвта на Исус Христос е изделкан од едно огромно парче смарагд. Египќаните го користеле за лечење на очите. Аристотел тврдел дека го спречува опаѓањето на косата, штити од епилепсија, дека делува како афродизијак и ја зголемува плодноста. А, доказ дека девојката ја загубила невиноста, во тие стари времиња, бил скршениот смарагд.
Коралот пак кој како и Венера се раѓа од морската пена, се смета за женски камен. Затоа, се препорачува да го носат бремените жени и децата. И макар што новите истражувања откриваат дека тој делува поволно на срцето и слезината, во една книга на стари рецепти стои напишано: “Ако девојката сака да дознае за кого ќе се омажи, нека измеша прав од корал и прав од дијамант со крв од бел гулаб, смесата нека ја стави во смоква, а смоквата завиткана во бел тафт нека ја стави под перница!” Навистина мудар и духовит рецепт ако се знае дека малку биле девојките кои можеле да си дозволат дијамант, а уште помалку можеле да го претворат во прав.
Близнаци
Како камења заштитници на Близнаците, старата астролошка литература ги наведува ахатот и хризопрасот. Првиот заради тоа што се верувало дека му дава хармонија и мудрост на тој што го носи и околу него привлекува луѓе кои ќе му бидат лојални, што е проблем речиси на секој Близнак. А, вториот, заради тоа што ја смирува алчноста, ја развива сензитивноста, како и желбата за успех, но на повисоко ниво. Тогаш не е чудно што англиската кралица Елизабета Прва носела на себе накит со вграден ахат, со цел да ја предизвика лојалноста на своите поданици. Додека Александар Македонски имал амајлија од хризопрас, која требало да ја стимулира неговата видовитост и да му помогне да ги направи вистинските потези во освојувањето на светот.
Рак
Среброто, бисерите и месечевиот камен, астролошката традиција секогаш ги поврзува со Ракот. За среброто се смета дека е метал што штити од грижи. Додека месечевиот камен, како одраз на Месечината и женскиот принцип, ги штити женските полови органи и ја зголемува плодноста. Некои извори тврдат дека тој влијае поволно и на нервите и ги смалува стравовите. Додека Египќаните го користеле за лечење на асмата и белодробните заболувања.
Лав
Златото како симбол на Сонцето и кралевите, во Зодијакот е симбол и на неговото височество, Лавот. Грците пак верувале дека златото помага во лечење на жолтицата. Меѓутоа, со Лавот секогаш се поврзуваат и килибарот и рубинот. Килибарот всушност не е камен туку фосил кој поседува и електрични и магнетни особини. Па, во минатото бил користен за лечење на срцевите болести и импотенцијата. Но, се верувало дека ако се држи во уста, тогаш штити и од заразни заболувања. Тоа објаснува зошто народите од Ориентот, лулињата и муштиклите ги изработувале токму од килибар. Црвениот пак рубин е познат како камен на среќата и љубовта, кој може да ја разгори истата и да го одржи љубовниот пламен. Но, рубинот го предупредува својот сопственик и на опасност, бидејќи во тие моменти ја менува бојата и потемнува. Повторно си ја враќа нормалната црвена боја кога опасноста ќе помине. Тоа е веројатно причината поради која што кралевските наметки и круни честопати биле украсувани со многу рубини.
Девица
На Девиците најмногу им одговараат карнеолот, сардониксот и лабрадоритот, вели Астрологијата. И тоа е точно, ако се знае дека тие се кристали што ја зголемуваат храброста, бранат од психички напади и го потпомагаат течниот говор. Всушност, сето она што и треба на плашливата и срамежлива Девица. Но, карнеолот во минатото бил ценет и поради неговата способност да ги хармонизира силните емоции, како бесот и лутината.
Вага
Префинета и со чувство за естетика, секоја Вага го губи здивот пред ненападните парчиња накит, украсени со син сафир. А, неговите суптилни вибрации ги отвараат пред личноста што го носи магичните и духовни димензии. Така, со текот на времето, срцето станува едноставно, чисто, а однесувањето пристојно. Старите народи верувале дека синиот сафир ја одржува верноста во љубовта, ги растерува лошите мисли и им носи мир и слога на луѓето кои не живеат раскалашено. Но, тој ги открива и љубовните измами од страна на партнерите, бидејќи во тие моменти го губи својот сјај.
Шкорпија
Мистична и остроумна, Шкорпијата може да ги достигне највисоките духовни димензии во истиот живот. Во тоа отсекогаш и помагале опалот, аметистот и берилот. Набљудувајќи го опалот, ведра и спокојна, Шкорпијата го забрзува развојот на своите натприродни способности и видовитоста.
Аметистот во народот е познат како камен кој им помага на оние што прават добри дела. Затоа, не случајно, аметистот со себе најчесто го носеле свештениците. Тој ги отстранува лошите мисли, ги смирува хистеричните кризи, создава отпор кон алкохолот, носи мирен сон. Плиниј тврди дека аметистот штити од уроци, посебно ако е изработен во форма на Сонце или Месечина.
Стрелец
Топазот, тиркизот и хризолитот се камења чии што вибрации најдобро се усогласуваат со оние на родените во знакот Стрелец. За жолтиот топаз се верува дека им помага на разочараните во љубовта, на астматичарите, на жените со болни менструации и дека ја спречува ненадејната смрт.
Тиркизот во египетските легенди се спомнува како камен кој штити од злите сили и од шокантните случувања. Индијанците го носеле убедени дека им дава сила во борбата со непријателите. А, Буда исто така го користел со цел да се заштити од непознатите сили на патот на својот духовен развој. Но, тиркизот истовремено е и камен кој носи љубов, богатство и ги зацврстува пријателствата.
Јарец
Ахилова петица на секој Јарец се коските, кожата и меланхолијата. Па, со цел полесно да се справат со овие проблеми Јарците секогаш при рака треба да ги имаат малахитот, ониксот и горскиот кристал. Малахитот влијае врз зголемувањето на надежта и на способноста да се изнајде решение за сите проблеми. Според старата традиција, ониксот делува негативно на сите знаци освен на Јарецот. За него Албертус Магнус напишал: “Ако сакаш да ги испровоцираш тагата, стравот, кавгите и кошмарните соништа, земи оникс, обеси го на врат или стави го на прст!”. Затоа, горскиот кристал делува позитивно на сите, ја зголемува аурата на луѓето, тој е камен што умее да памти. Се користи во медитацијата и за чистење на чакрите.
Водолија
Старите преданија откриваат дека аквамаринот, авентуринот и гранатот, одговараат на Водолијата. Па, дури аквамаринот некои го сметаат како умен камен кој не трпи наредби, туку оној што го носи треба да ги почувствува и послуша неговите вибрации. Најчесто се користи за зајакнување на слабите места од енергетското поле на човекот. За авентуринот се верува дека носи среќа во љубовта, бидејќи делува на четвртата чакра. А, гранатот поволно делува на најслабата точка кај Водолиите, на циркулацијата и крвотокот. Тој ја менува својата боја кога неговиот сопственик се наоѓа во некаква опасност.
Риби
Рибите како последен знак од кармичкиот циклус се тие кои што би требало да се стремат што побрзо да се ослободат од егото и повторно да се поврзат со апсолутот. Астрологијата тврди дека за таа цел најмногу ќе им помогнат аметистот, аквамаринот и платината. Аметистот заради тоа што делува на шестата чакра, ја помага медитацијата и отварањето на третото око. Но, уште повеќе што во комбинација со аквамаринот создаваат баланс во организмот на недисциплинираните Риби.