Градoначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, лани есента привлече големо внимание во јавноста кога се венча во Косово.
Со „Пукни зоро” и српско знаме во манастирот во Грачаница беше венчавката со сопругата Јелена, но не случајно го избрале тоа место.
„Сето ова има симболика и за мене и за сопругата. Имаме приказна зошто решивме таму. Особено Јелена, која е поврзана со тој манистар, ама и јас. И венчавката беше со ограничен број луѓе оти и таму важеа ковид-мерките како и кај нас”, вели Богдановиќ, кој во интервјуто ни раскажа кои биле причините за венчавката во Косово.
Со сопругата Јелена, која предава одделенска настава во ОУ „Киро Глигоров”, по една година врска, се решиле за брак. „Сфативме дека ќе нѐ биде и дека може да се трпиме. Ја побарав за жена на класичен начин – со прстен, на колена, како што сметав дека треба”, вели Богдановиќ, кој меѓу луѓето е познат како Српче.
Прекарот го добил уште во средното медицинско училиште од двајца другари од класот, па до денес му останал. „Некогаш имам проблем, ќе се јавам некаде на телефон, ќе речем: Саша е овде, а од таму ми велат: кој Саша, па морам да кажам Српче”, раскажува градоначалникот на Центар.
Ни откри дека кога сопругата почнала да работи во новото училиште, имало коментари зошто е таа таму, но вели дека и претходно, пред да се запознаат, таа работела како наставник.
Роден е во Словенија, во Постојна. Со распадот на Југославија со семејството дошле во Скопје, во населбата Капиштец. Тука му се и другарите, со кои, освен што излегувале, секоја сабота оделе во обложувачницата кај Панчев. „Одамна не сум бил, ама порано одевме и за мерак, а и да се видиме”, раскажува тој за маалските дружби, но и за ќефот да нарача македонска или српска песна во кафеана.
Ни раскажа и за славта Свети Никола, која ја тераат пет дена. „Како Ивкова слава, сите сакаат кај мене да дојдат. Татко ми, кој е воено лице, првин беше малку со резерва, сега секоја година вика, ајде Саша, кај се луѓево, нека доаѓаат. Навистина секоја година вратата е отворена, имаме многу гости, некогаш ќе викнеме музика и навистина трае пет дена”, вели Богдановиќ.
Во текот на муабетот зборувавме за се, од љубовта кон КК „Раборнички”, потоа зошто го приведоа во Полициската станица Беко по натпреварот со МЗТ, за навивачките денови и дали му е тешко на неутрална трибина да биде градоначалник, а не навивач на „Работнички” додека гледа натпревар. Зошто никогаш не стана доктор, за односот со двајцата браќа, за родителите, за бракот, малку за модата, готвењето и нешто за политиката.