Тим од инспектори тврди дека разоткрил тајна агентка на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, која минала деценија претставувајќи се како латиноамериканска дизајнерка на накит се дружела со персонал на НАТО во Неапол.
Инспекторите тврдат дека жената која се претставувала како Марија Адела Куфелт Ривера и им кажувала на луѓето дека нејзиниот татко е Германец, а мајка и Перуанка, всушност е агентка на ГРУ од Русија. Истрагата ја спровела мрежата “Belingcat” во соработка со неколку медиуми вклучувајќи ја “Republica” во Италија и “Spiegel” во Германија.
Разузнавачките агенции во Москва уште од раниот советски период користеле агенти како Ривера кои понекогаш со децении живееле под лажен идентитет во странски земји, наведува “Guardian”.
Претставувајќи се како Ривера, агентката се движела на релација меѓу Рим, Малта и Париз, за во 2013-та година да се всели во Неапол каде се наоѓа команда на НАТО. Отворила продавница за продажба на накит со име “Sereing” и водела активен социјален живот.
Нејзините познаници велат дека благодарение на улогата секретарка во неаполитанскиот огранок на меѓународниот “Lions Club”, таа успеала да се спријатели со многу вработени во НАТО. Еден вработен во НАТО рекол дека бил во кратка романтична врска со Ривера.
Кристо Грозев, извршен директор на “Belingcat” и главен истражувач, за “Guardian” навел дека прв пат пронашол трага на таен агент од ГРУ кога ја прегледал протечената база на податоци на гранични премини која ја воделе белоруски граничари, а која му ја доставила група хакери кои се противници на режимот на Александар Лукашенко.
Грозев ги пребарал броевите на руските пасоши за кои е познато дека ги користат оперативци на ГРУ, кога името Марија Адела Куфелт Ривера му го привлекло вниманието. По поголема претрага, Грозев утврдил дека таа патувала под неколку руски пасоши со сериски броеви слични на оние кои ги користат и другите оперативци на ГРУ. Таков пасош користел и агентот кој е обвинет за напад со новичок на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев и друг оперативец на ГРУ кој наводно е вмешан во нападот на Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Грозев исто така утврдил дека на 15-ти септември 2018-та година Ривера купила карта од Неапол за Москва. Ден порано, “Belingcat” со рускиот партнер “Insider” објавил статија за двајцата агенти од Солзбери, под име Руслан Боширов и Александар Петров, укажувајќи на неправилностите во податоците во пасошите кои укажуваат дека се поврзани со безбедносните служби.
„Guardian“ наведува дека изгледа дека Ривера ја повлекле нејзините шефови, кои стравувале дека други оперативци со слични броеви на пасоши би можеле да бидат компромитирани.
Два месеци по изненадното заминување од Неапол, Ривера на Фејсбук на италијански јазик се обидела да го објасни своето заминување.
„Вистината која морам конечно да ја откријам. Косата расте по хемотерапијата, кратка е, но тука е. Сите ми недостасувате, но се обидувам да дишам“, напишала таа.
Некои агенти на ГРУ патуваат во странство поради брзи краткорочни мисии и редовно ги менуваат идентитетите, додека други, како Ривера, минуваат години под истиот лажен идентитет.
Необично е тоа што Ривера патувала со руски пасош. Нејзината апликација за добивање на перуанско државјанство била одбиена, наведено е во официјални документи од 2006-та година, а можно е да воспоставила важни контакти под тој идентитет, поради што ГРУ не сакала да ја изгуби.
Бројни луѓе кои ја запознале Ривера тврдат дека таа им кажала дека нејзината мајка Перуанка во 1980-та ја одвела во СССР и ја оставила таму. Во текот на годините на разни начини се обидувала да добие пасош од западните европски држави.
“Belingcat” наведува дека ја идентификувал Русинката зад лажниот идентитет на Ривера, на основа на информациите и поклопувањата на фотографиите од разни бази на податоци и истражувања од отворени извори. Таа не одговорила на прашањата од “Guardian” за коментар.