По „Спутник V“, во Русија беа развиени уште две вакцини против коронавирусот – „ЕпиВакКорона“ и „КовиВак“, но третата фаза од клиничката студија сè уште не е завршена. Научниците имаат големи очекувања.
Официјална Москва има намера да ги вакцинира повеќето граѓани до есен. Според планот, до мај Русија може да произведе вкупно педесет милиони домашни вакцини.
Сите три вакцини добија одобренија за употреба пред третата фаза на клинички студии во кои вакцината се тестира на десетици илјади волонтери. Така, во август минатата година „Спутник V“ стана првата одобрена вакцина во светот. Само по одобрението, вакцината беше испитана во тестирање на 40.000 луѓе.
Пред пандемијата со ковид-19, вакцините или лековите се користеа само по третата фаза на клинички студии и откако независни експерти ќе ги разгледаат резултатите. За време на оваа пандемија, многумина одлучија за паралелно одвивање на втората и третата фаза од студијата со цел да ги забрзаат работите.
По третата, следува четврта фаза: ефектите на вакцината кај општата популација се следат подолг период.
Во Русија, како „Спутник V“, „ЕпиВакКорона“ (во октомври) и „КовиВак“ (во февруари) беа одобрени пред третата фаза. Очигледно, ќе има повеќе руски вакцини. Според извештаите, вакцината наречена „Мир-19“ ја поминала првата фаза на тестирање.
„ЕпиВакКорона“
Оваа вакцина се потпира на хемиски синтетизиран антиген, што значи дека не содржи жив вирус. Антигенот е супстанца што го стимулира телото да произведува антитела. Според некои извори, оваа руска вакцина треба да ја помине третата фаза од клиничката студија најрано во мај.
Сепак, вакцината е веќе одобрена во Русија, но и во Туркменистан, како што објави тамошната државна новинска агенција. Во Русија на населението веќе им се дадени 45.000 дози од оваа вакцина.
Пред неколку дена, Светската здравствена организација објави дека сè уште чека рускиот државен институт „Вектор“, кој ја направи „ЕпиВакКорона“, да ги испрати потребните документи за експертите на СЗО да ја проценат вакцината.