Познатиот српски доктор и инфектолог Ана Глигиќ во интервју за РТС објасни околу вакцинацијата против коронавирус и разликата меѓу вакцините кои се нудат на пазарот.
„Сите вакцини се правени долго, сите аномалии се поправени, сите вакцини што ќе дојдат во фаза на масовна примена не би требало да имаат никакви недостатоци. Вакцините навистина се подготвени на специфичен начин, по брза постапка, дизајнирани се на хартија, а потоа се направени во лабораторија. Испитувањата беа задолжителни, врз животни, а потоа и врз луѓе, не беше извршено класично тестирање по различни возрасни групи, тие беа направени ‘брзо’, но беа контролирани доволно за да може да се добие лиценца за масовна примена. Знам многу за руската вакцина „Спутник V“, морам да се коригирам, и јас досега велев „Спутник пет“… таа е направена на „носач“, како и таа на „Модерна“, парче од геномот на сегашната корона се уфрла во форма на вакцина, а потоа внатре се комплетира во провокатор на имунолошкиот систем и создава антитела“, рече таа, додавајќи дека вакцината е ефикасна 92 проценти.
„Секоја вакцина е тестирана, нејзината имуногеност и токсичност, може да се направи во секоја лабораторија за месец и пол – два. Нема време за долгорочно тестирање на безбедноста, но постојат искуства од вирусите САРС и МЕРС. И тогаш беа правени вакцини и тогаш можеа да кажат дека на долг рок немаат последици. Во меѓувреме, САРС исчезна и истражувањата беа замрзнати, но големите светски лаборатории го имаат тоа искуство“, рече таа.
Какви други разлики има помеѓу вакцините?
„Кинеската, руската и оксфордската се создадени на носач, на вирус што веројатно сите го имаме во нашите животи, тие се безопасни аденовируси. Болеста што ја предизвикуваат е обично кивање, тие не предизвикуваат сериозни проблеми. Ќе испиете чај и аспирин, ќе се накашлате и тоа е тоа. Постојат повеќе од сто аденовируси, а само парче од сегашната корона е вметнато во аденовирусот во вакцината, за да го испровоцира имунолошкиот систем да произведува антитела. Сите три вакцини се направени на тој, истиот начин. Тие само содржат различни аденовируси“, рече таа.
Според д-р Глигиќ, Русите направиле нешто посебно, првата доза е на еден, а ревакцинацијата на друг вид аденовирус.
„На тој начин се продолжува ефикасноста, таквите вакцини не се класични, не бараат толку ригорозни контроли, па затоа се одобруваат побрзо. Јас мислев дека нема да ја добиеме вакцината ни за 18 месеци, но направени се“, рече таа.
Од короната нема да се отарасиме, експертите се согласуваат околу тоа, па и д-р Глигиќ.
„Искуството со проучувањето вакви вируси покажува дека со текот на времето тие предизвикуваат помали или поголеми епидемии или пандемии. Ние нема да се отарасиме од короната, целта е да ги запреме пандемијата и епидемијата, а во меѓувреме да се снајдеме и да правиме покласични вакцини. Овие вакцини даваат имунитет до две години, малку повеќе, малку помалку, а короната ја имаме во опкружувањето. Коронавирусите се наоѓаат во животните, може да преминат во секое време, па сега останува да видиме како ќе го решиме тоа со овие вакцинации. Во меѓувреме, ќе направиме стратегија или класична вакцина од вирусот што напаѓа. Таквата вакцина се прави со години, агенсот се ослабува за да не предизвикува болести, туку долгорочен имунитет на сите видови корона“, рече таа.
Кој временски период ќе ни треба за да знаеме дека вакцината против корона е ефикасна?
„Вакцината ќе даде имунолошки одговор, а ние ќе можеме да го измериме, но мора да бидеме свесни дека ќе се мери со различни методи. Овие сегашните, ензимските што ја мерат заразеноста, треба да бидат надополнети со класични методи за тестирање на антителата произведени од вакцината. Сегашниве можат да дадат неколку лажни позитивни и негативни резултати, за ова во моментов се зборува“ рече д-р Глигиќ.
Која би примила таа, од оние што моментално се достапни?
„Јас се изјаснив, кога видов дека Русите направиле вакцината, дека во еминентни публикации е објавено дело во кое СЀ е детално изложено, тогаш реков дека голем тим експерти стои зад тоа и дека веројатно е добро. Замераа дека вакцината Спутник V не е доволно тестирана на луѓе, но неа ја примиле 18.794 лица. Тие го отстранија и сомнежот што им го постави Западот, недоволниот број тестови на луѓе“, рече д-р Глигиќ.