Хрватскиот научник и епидемиолог Игор Рудан во авторски текст за порталот Индекс.хр даде појаснување на некои непознаници за коронавирусот.
Според неговите зборови, човештвото отсекогаш се среќавало со пандемии, па така тие во средниот век го убивале секое трето лице. За среќа во 1940-тите години поголемиот дел од бактериските болести се контролираат со антибиотици, а од 1960-тите години и со вирусни вакцини. Сепак, со појавата на короната покажува дека секогаш има нови вируси.
Науката требаше да го предвиди доаѓањето на короната, бидејќи ова е седма врста на тој вирус кој се обидува да го нападне човештвото. За среќа на сите луѓе, првите четири коронавируси кои се прилагодиле на луѓето биле предизвикувачи само на обични настинки. Никој не ги сметал за сериозна закана за јавното здравје.
Петтиот и шестиот коронавирус (САРС и МЕРС) успеаја да преминат на луѓето и требаа да бидат вистинско предупредување. Имавме среќа и САРС-от и МЕРС-от да се шират на другите луѓе дури по почетокот на симптомите на болеста, па епидемиите беа сузбиени со изолација за заболените и сите нивни контакти по почетокот на симптомите. Тоа е најважната причина зошто САРС и МЕРС тогаш не убија неверојатна бројка на луѓе. Ковид-19 (новиот коронавирус) се шири на другите луѓе и за време на периодот на инкубацијата и тоа е една од разликите меѓу него и претходните типови на коронавируси.
Ковид-19 има повисока стапка на смртност бидејќи како нова врста прво ги напаѓа оние со ослабен имунолошки систем. Затоа, стапката на смртност од 3,4 проценти не е изненадувачка. Но ако се знае дека не се сите заразени и пријавени, стапката на смртност е значително помала.
Ситуацијата треба да се сфати сериозно и луѓето треба да бидат внимателни, но нема причина за претеран страв, а особено не за паника.
Споредувањето на грипот и короната уште од почетокот се наметнува, бидејќи многу луѓе гледаат во разните бројки без подлабоко разбирање на нивната позадина, па споредуваат неспоредливи работи. Првенствено, јавноста воопштено потценува колку грипот, всушност, е опасна и тешка болест, пособено за најчувствителните, старите и болни. Во светот грипот годишно предизвикува меѓу 250.000 и 650.000 смртни случаи, во зависност од врстата на вирусот кој циркулира.
Ако Ковид-19 се покаже како значајно поопасен од сезонскиот грип, тогаш навистина би можело да се очекуваат милион смртни случаи ширум светот, можеби и значително повеќе. За жал, таквото сценарио се уште начелно е можно кај вирусот кој нам ни е нов и непознат, поради низа на причини. Поради тоа сите експерти за ова подрачје целовремено повикуваат на внимателност, но без непотребна паника.
Има и барем неколку причини за оптимизам. Пред се, моментално на подрачјето на цела Европска Унија е воспоставен епидемиолошки надзор и „први одбранбени линии“.
Во Кина, која е една шестина од целата светска популација, бројот на смртни случаи од Ковид-19 би можел, благодарение на карантинот во Вухан, да се запре на под 5.000. Кога и сите други земји би можеле ги да спроведат противепидемиските мерки кои ги спроведе Кина, тогаш бројот на починати од коронавирусот би требало да биде најмногу шест пати поголем, односно до 30.000.