Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Имунитетот генерално значи заштита, помош во борбата против болестите. Кога системот правилно работи ние тоа не го забележуваме. Тоа е природен процес одговорен за борба против патогени микроорганизми кои може да ги оштетат клетките на телото и да предизвикаат болест.
Бактерии, вируси, паразити и габички има насекаде. Постојано сме изложени на организми кои ги вдишуваме, голтаме или се населени на кожата и слузокожите. Дали овие организми ќе предизвикаат болест или не зависи од одбранбениот или имунолошкиот систем. Кога телото ќе детектира патогени, имунолошкиот систем се активира.
Имунолошкиот систем е интерактивна мрежа од органи, клетки и протеини кои го штитат телото. Ги неутрализира или отстранува патогените микроорганизми кои влегуваат во телото, ги препознава и неутрализира штетните материи од околината и се бори против сопствените клетки на телото кои имаат промени како резултат на некоја болест.
Клетките на имунолошкиот систем се создаваат во коскената срцевина, потоа циркулираат во крвта и лимфниот систем (специјализиран систем на садови) и мигрираат до периферните ткива. Кога ефикасноста на системот е компромитирана се соочуваме со болест, инфекции, тумори. Кога е преактивен имунолошкиот систем се јавуваат алергии и автоимуни болести. Имунолошкиот систем прави разлика помеѓу “свои” и “туѓи” клетки, организми и материи. Туѓите супстанци се викаат антигени, кои вклучуваат протеини на површината на бактериите, вирусите, габичките. Кога клетките на имунолошкиот систем ќе детектираат присуство на антиген, имунолошкиот систем се потсетува на зачувани спомени за брзо да се одбрани од познатите патогени.
Имунолошкиот систем нормално не се бори против протеините на нашите сопствени клетки, од порано има научено да ги препознава овие клеточни протеини како “свои”. Но ако ги идентификува како “туѓи” тогаш се јавува автоимуна реакција. Имунолошкиот систем постојано учи и се менува, се адаптира така да може да се бори со бактериите и вирусите кои постојано се менуваат.
Имунитетот според потеклото може да биде вроден (стекнат со самотораѓање, наследен, работи како општа одбрана од патогените) и стекнат, адаптивен (се бори со специфични патогени со кои телото веќе имало контакт, се стекнува со прележување на одредена болест). Двата система комплементарно работат.
Вродениот имунитет се активира како прв одговор на телото на патогените. Се базира на генетските предиспозиции. Стекнатиот, адаптивен имунитет е побавен во однос на вродениот имунитет. Може да биде активен и пасивен, може да се стекне по природен и вештачки пат. Активниот имунитет е резултат на изложување на патогени, антигени и се создаваат специфични антитела, кога инфекцијата ќе се прележи (сипаници, заушки). Резултат е на инфекција (природен пат) или имунизација (вештачки пат). Пасивниот доаѓа од природно или вештачко добивање на антитела од надвор, телото не создава антитела кон антигени. Природен пасивен имунитет е заштитата на бебето од одредени инфекции преку добивање на антитела преку мајчиното млеко. Вештачки пасивен имунитет е антисерум (суспензија на делови од антитела), антивеном кој се дава по каснување од змија. Вакцините содржат слаби микроорганизми кои самите не можат да предизвикаат болест. Делуваат како антиген и стимулираат создавање на антитела против патогенот без да се инфицира лицето со болест.