Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа во близина на Драчево, во која пет лица го загубија животот.
Според првичните сознанија од увидот, несреќата се случила петнаесетина минути пред полноќ, кога автомобил Рено 5 со скопски регистарски таблички во кој се превезувале жртвите, од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камион за превоз на отпад. Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени.
Надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за обдукција на телата на починатите, а ќе се врши и сообраќајно-техничко вештачење за да се утврдат причините за несреќата, соопшти Основно јавно обвинителство.
Како што информираа утрината од МВР, со автомобилот управувал 43-годишен скопјанец со иницијали Ј.Л. кој починал на местото на несреќата.
На местото на трагедијата загинале и сопатниците С.Н., А.Т.(54) од Скопје, Е.Т.(37) од Скопје и И.А.(40) од Скопје.
Возачот на камионот, 44-годишниот М.Ј. пак се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување.