На Скопскиот аеродром денеска пристигнаа вакцините кои Грција ги најави како помош за Македонија. Станува збор за донација од 20.000 дози „Астра Зенека“, кои беа најавени кон крајот на мај, кога грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел најави дека се разгледува можноста за директна билатерална помош за соседните земји. Вакцините од Атина за Тирана беа испратени вчера, а пратката за Скопје пристигна денеска.
-Денеска од нашите пријатели од Владата на Република Грција ја примивме донацијата од 20.000 дози вакцини Астра Зенека. Оваа поддршка од грчката Влада, амбасадорот на Република Грција, Н.Е. Русос Кундурос и грчкиот народ се од голема важност за нас, за што им изразувам благодарност. Солидарноста меѓу пријателските земји во време на ковид пандемијата покажува колку е важно сите да бидеме сплотени во процесот на имунизација бидејќи тоа е единствениот начин да издвојуваме победа против вирусот Ковид 19, изјави министерот за здравство Венко Филипче кој на аеродромот ги прими вакцините.