Сопругата на актерот Дејвид Тенант, Џорџија Тенант објавила фотографија од 2018 година на својот Инстаграм профил, кога открила дека има рак на грлото на матката. Џорџија објавила и делови од својот блог од тој период пред 2 години, за другите жени да знаат како да се грижат за своето здравје на вистински начин.
“Оние кои ме познаваат, знаат дека не сакам многу да зборувам за себе. Сепак, мислам дека ова треба сите да го знаат. Пред неколку недели добив наод од ПАП тест на кој пишуваше дека постојат гранични промени”, напишала тогаш.
“Започнав да си го планирам сопствениот погреб. Ако имате деца, размислувате што ќе биде со нив. Пребарував на Гугл и читав разни веб страници на интернет и тоа малку ме смири. Како што пишуваше таму, граничните промени не би требало да бидат толку страшни”, продолжила Џорџија.
Кога отишла на докторски преглед наредниот пат, ѝ била направена биопсија, а лекарот ѝ кажал дека нема рак и дека не станува збор за граничен случај. Меѓутоа, две недели подоцна, таа повторно заминала на контрола. Тогаш ѝ кажале дека имала рак, но дека со биопсијата во целост бил отстранет.
“Преживеав рак, а не ни знаев дека го имам. Да верував во сè што пишува на интернет, никогаш не би отишла на преглед и работите би можеле да тргнат во сосема поинаков правец”, напишала на својот блог.
Во коментари обожавателите ѝ се заблагодариле што ја подигнува свеста за важноста од редовни прегледи, а многу жени ѝ порачале дека токму поради објавата одлучиле да се прегледаат.