Миодраг Ристиќ или едноставно познат како Мио, беше првиот манекен кој прошета по модната писта и ги преслика светските модни трендови во македонската метропола. Една од најурбаните скопски фаци, градска легенда кој на скопјани и пошироко прв ќе им покаже како се чекори по модна писта, прв ќе ги преслика Париз, Њујорк, Лондон, Милано, Белград… во Скопје, заедно со Лиле – „Липс“ ќе го имаат првиот бутик во главниот град, ќе биде дел од првите модни фотосесии… Во многу нешта кога е модата и не само модата во прашање Мио бил пионер – пишува вистина.мк.
Неговите модни ревии и модни перформанси во рамките на првите скопски пополноќни забави се’ уште се прераскажуваат. Најубавите скопски девојки во тоа време, меѓу кои подоцна некои станаа и се’ уште се име и презиме во оваа земја, биле дел од женската „модна ергела“ на Мио.
Неговиот бутик „Мио“ во 80-тите години ќе биде епицентарот од каде во Скопје, а со тоа и во Македонија ќе излегуваат најмодерните модни парчиња, кои најпознатите скопски јавни, но и урбани фаци ќе ги носат на себе како перјаници на актуелната мода во тоа време.
Но, не само модата се врзува за урбаната скопска легенда Мио. Години потоа тој и неговите локали ќе бидат заштитен знак на скопскиот ноќен живот. Особено легендарната „Академија“, еден од првите скопски ноќни клубови кој ќе работи „од самрак до мугри“.
А таму, од скопскиот и не само скопскиот „крем“, јавните лица, музичките ѕвезди, најубавите девојки, најдобрите забави, првите македонски бизнисмени, безбедносни структури, лица од балканското подземје… сите на купче. Сите на едно место, а местото култно со години!
Денес Миодраг Мио Ристиќ живее во Марбеља во Шпанија.