По кратко и тешко боледување, на 78-годишна возраст, во старечки дом во Загреб, почина легендарната пејачка на поранешна Југославија, Зденка Вучковиќ. Tаа важеше за првата детска ѕвезда во поранешна Југославија, а се прослави покрај Иво Робиќ, со песната „Мала девојчица“, која на овие простори се памети како „Тата, купи ми ауто“.
Нејзиниот талент бил откриен на музички натпревар, а потоа учела и музичка школа, а знаела да свири и на хармоника. Зденка особено беше популарна во шеесетите години.
Во 1989 на Загрепскиот фестивал се прости од музичката сцена, со песната „Одрасла је девојчица мала“, но сепак настапуваше и потоа.
Кога се појави Северина на музичката сцена, многумина ги поврзуваа како роднини (една од сестрите на Северина се вика Зденка), но тие не се роднински поврзани. Во 1991 година тие заедно настапија со песната „To Love Somebody“.