Пејачката Беба Селимовиќ, која важеше за една од најдобрите интерпретаторки на севдалинки, почина во Сараево во 82-та година од животот.
„На најдобар начин го збогати и сочува нашето нематеријално богатство, а тоа е севдалинката. Како граѓанин велам дека нејзиното заминување е голема загуба на нашата културна сцена“, изјавил за агенцијата Fena, сопругот Џевад Шабанагиќ, виолинист на Сараевската филхармонија.
Беба Селимовиќ е родена на 27 март 1939 година во Требиње. Ја започнала својата пејачка кариера во Радио Сараево и брзо станала многу популарна. Многумина ја нарекуваа и „дама на севдахот“ заради нејзиниот сериозен и чесен став кон професијата, како и за нејзиното сериозно однесување на естрадата.
Во текот на кариерата за тогашната дискографска куќа „Југотен“ сними четири студиски и три компилациски албума, а последниот од нив беше 1988 година. Со настапите престана во 2005 година, а ја следеше репутација на повлечена личност за која никогаш не се врзувале скандали.