Во најголемиот ек на пандемијата на коронавирус во Италија, болничар во болницата во Бергамо украл паричник од 66-годишен маж заболен од Ковид-19 и му ја испразнил сметката заедно со девојката.
Пациентот починал на 14 април од последиците од вирусот, додека болничарот потрошил 6.000 евра за само неколку дена.
Порталот primatreviglio.it пишува дека маж од Чивидате ал Пјано (Бергамо) пристигнал во брзата помош со типични симптоми на ковид и болничарот кој бил на смена во тоа време му го зел паричникот.
Само неколку дена подоцна, пациентот бил пренесен во единицата за интензивна нега, каде починал по еден месец.
Семејството на починатиот забележало дека нешто невообичаено се случува и случајот го пријавиле во полиција, која по истрагата , пред два дена го уапсила четириесетгодишниот болничар и неговата дваесет и едногодишна девојка, која исто така учествувала во злосторството.
„Една многу грда приказна во трагичен момент, експлоатација на лице кое не било во можност да се одбрани, тажна приказна“, изјави командантот на полицијата во гратчето Романо ди Ломбарди, Арканџело Ди Нардо.