Д-р Елена Арсова, менаџер на Hair Clinic Beograd (www.hairclinicbalkan.com)
Некој ќе ви каже дека златно правило е косата да се крати на секои 6-8 недели. Некој дека не треба воопшто да ја шишате косата ако сакате да ја израснете подолга. Некои велат дека треба неколку пати годишно. Па, се прашувате, кое од овие тврдења е точно?
ОДГОВОР ОД ДОКТОР- ТРИХОЛОГ : Вистината е дека сè се сведува на индивидуалната природа на вашата коса и вашата цел. Една од најбитните работи кои треба да ги знаете е дека косата расте 1 цм месечно. Кај некои лица расте побрзо, кај некои побавно, ама истите правила важат независно од случајот.
Природната, нетретирана коса може да издржи подолго меѓу шишања. Но сепак и цврстината и дебелината на влакното има влијание. Потенката коса полесно дехидрира и се крши и бара почесто шишање.
Ако косата Ви е хемиски или термички третирана (фарбана, бланширана, кератински третман или фен, пегла за коса, фигаро итн. ) тогаш ќе имате потреба почесто да ја кратите. Хемиските и топлинските третмани ја прават косата сува и кршлива, па краевите почесто пукаат и треба да се скратат за да не продолжат да пукаат повисоко по должина на влакното. Важно е пред хемиските третмани добро да ја хидрирате косата со силна нутритивна маска или со длабински хидратантен спа третман на косата. А пред користење на фен, пегла за коса, фигаро користете заштитен спреј.
Не мора да го ставите шишањето во однапред испланиран распоред. Едноставно кога врвовите на косата ќе станат груби, расцветани, не се обликуваат при фенирање и не ги примаат производите за стилизирање, тогаш е моментот да ги скратите врвовите.