Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во знак на револт поради вчерашното носење на пратеници заболени со ковид-19 во Собранието, прошета во време на полициски час со скафандер, маска и сѐ што вчера носеа двајцата болни пратеници, кои напуштија изолација.
“Денешното кршење на законите во државата од страна на власта и носењето заболени пратеници на парламентарната седница, покажува колку Зоран Заев и СДСМ не ги почитуваат законите во државата. Додека граѓаните на Република Македонија почитуваат мерки и седат дома доколку имале контакт со заболено лице или пак самите се позитивни на вирусот, СДСМ ги носи пратениците во Собранието за да ги гласаат точките кои ќе му ги откочат бизнисите на Заев. Очигледно Зоран Заев смета дека извршната власт е над законодавната, па затоа не го интересира што пишува во законите. За него најважно е да се изгласа законот за марихуана, па макар и по цена на животите на пратениците. За лудоста да нема крај, пратеничката узурпирала цел ден болничко возило да ја развозува до Собранието и назад, а истовремено луѓе молат за болничко возило и за медицинска интервенција“, рече Стоилковски.