Поранешниот казахстански министер за економија Куандик Бишимбајев е осуден на 24 години затвор поради убиство на сопругата, јавува „Reuters“.
Својата жена ја претепал до смрт минатата година во семејниот ресторан. Неговото судење минатите седмици се пренесуваше во живо. Шокантната снимка на која се гледа како казахстанскиот бизнисмен и поранешен министер за економија Куандик Бишимбајев ја тепа својата сопруга во семејниот ресторан беше прикажана во текот на судењето на интернет страницата на судот, пишува „Sky News“.
Овој случај ја потресе јавноста бидејќи десетина илјади луѓе потпишале петици барајќи нови закони за оние кои се виновни за злоставување да одговараат.

Неговата сопруга Салтанат Нукенова е пронајдена мртва во ноември минатата година во ресторанот чиј сопственик е роднина на нејзиниот сопруг.
Вознемирувачката снимка од надзорните камери покажува како обвинетиот, татко на четири деца, ја влече својата сопруга за коса, а потоа ја удира со раце и нозе. Жената починала од повреди на мозокот.

Адвокатите на Бишимбајев прво ги оспорувале медицинските докази кои покажуваат дека Нукенова починала од удари во глава. Исто така ја прикажувале како склона кон љубомора и насилство, иако ниедна снимка од безбедносните камери во ресторанот не покажува дека го нападнала сопругот.
Според истражувањето од 2018-та година кое го спровела организацијата „UN Women“, секоја година околу 400 жени умираат како последица од семејно насилство во Казахстан, иако многу остануваат непријавени.