Глигор Кедиоски, Македонец кој живеел во Англија и покрај молбите на сопругата не сакал да се вакцинира. Откако се заразил со ковид-19, тој поминал околу три недели во болница. Тој на 2 јануари починал на 45-годишна возраст како последица на ковид-19.
Кедиоски е роден во Прилеп во Македонија а живеел во Ливерпул со сопругата Билјана и нивната петгодишна ќерка.
Тој во заедницата бил познат како великодушен човек и добар пријател. Бил вработен во фабрика а во текот на пандемијата работел како доставувач.
Пријателите за него велат дека бил полн со живот и секогаш смислувал нови животни авантури, пишува „Liverpool Echo“.
Во болница поминал три недели
Во декември, по заразата со Ковид, примен е во болница. Одбивал да се вакцинира против коронавирус иако неговата сопруга БИлјана повеќе пати го наговарала тоа да го стори.
Во болница поминал околу три недели а починал на 2 јануари.
Неговите пријатели и семејство сега собираат пари за телото на Глигор, според неговите желби, да се однесе во Македонија.
„Додека беше свесен, му носеше македонска храна која ја сакаше“
„Беше прекрасен пријател- еден од оние луѓе кои се тука за вас доколку ви е потребна помош. Беше познат по тоа. Го запознав во Ливерпул, но и двајцата сме од исто место. Беше малку постар од мене. Ми стана навистина многу добар пријател“, вели Роберт Каралиоски, пријател на Глигор Кедиоски.
„Кога беше примен во болница, само Билјана смееше да го посетува. Таму остануваше со часови и по вели денови, особено последната недела. Последните два дена спиела во болницата“, раскажува Каралиоски.
„Кога го ставија во индуцирана кома, сакаше да биде покрај него за да може да зборува и да пушта музика. Додека се уште беше свесен, му носеше македонска храна која ја сакаше. Цело време беше тука за него“, додава тој.
Неговата сопруга е целосно вакцинирана
Бидејќи освен Билјана никој не смеел да го посети Глигор, семејството од Македонија постојано му се јавувало на телефон и му праќале многу пораки.
„Неговиот татко е се уште жив. Желбата на Глигор и неговото семејство била неговото тело да се врати во Македонија. Семејството секој ден и се јавува на Билјана и прашува кога ќе пристигне телото“, изјави Роберт.
„Сите се обидуваат да помогнат. Ова е навистина тежок период, особено за неговата ќерка. Таа постојано прашува кога татко ѝ се враќа од болница; што е најтешко да се одговори“, додаде тој.
Роберт рече дека Глигор не сакал да се вакцинира, иако неговата сопруга била целосно вакцинирана.
„Се плашеше од вакцината, не беше сигурен како ќе функционира. Се плашеше дека ќе добие некои несакани ефекти. Билјана постојано го убедувала да се вакцинира, но безуспешно. Затоа сега сакаме да укажеме на важноста на вакцинацијата со оваа приказна“, изјави Роберт.