Payten, кој е дел од полската групација Asseco SEE, е новиот сопственик на македонската платформа за е-трговија, Grouper.mk, компанијата чиј коосновач во Македонија во 2011 беше и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска
Payten се стекна со сопственост на 100% од акциите на Grouper, како дел од стратегијата за проширување на портфолиото на компанијата со решенија за е-трговија.
„Го создадовме Grouper пред 10 години со многу енергија, посветеност и ентузијазам да го трансформираме пазарот со е-трговија. Во текот на изминатите години, тимот вложи многу посветени напори во надминувањето на бројни предизвици, а истовремено постојано учеше, се адаптираше и носеше иновативни решенија. Grouper растеше и постигна многу, но има уште многу простор за раст и натамошен напредок кој веруваме дека полесно ќе го оствари како дел од меѓународна групација. Следствено, среќни сме што Grouper го продолжува својот пат, сега веќе како дел од Payten, членка на ASEE групацијата. Оваа аквизиција за нас значи многу повеќе – тоа е признание на нашата напорна работа, посветеност и на досегашните успеси, но воедно претставува одлична можност за натамошен раст и за целосна реализација на потенцијалот на Grouper. Со нетрпение ги очекуваме следните големи планови и нови решенија, кои ќе им помогнат на локалните компании да ја прифатат е-трговијата, да ја зголемат продажбата и да го унапредат нивното работење, а кои истовремено на е-купувачите ќе им понудат поголем избор и можности“, изјавија ко-основачите на Grouper.