Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри лекот на „Астра Зенека“ против Ковид 19 – „Евушелд“.
Станува збор за коктел од антитела што ја спречува заразата на лицата со ослабен имунитет и оние кои имале силни несакани ефекти од вакцинацијата.
Лекот е одобрен само за возрасни и адолесценти кои досега не биле заразени, ниту пак биле во контакт со заразените.
Вакцината на Астра Зенека сè уште не е одобрена во САД.
Како што пренесува „Гласот на Америка“, истражувањата покажале дека лекот „Евушелд“ ја спречува инфекцијата со Ковид и манифестирањето на симптомите во 77 отсто од случаите.
Предвидено е лекот да се дава во две инјекции, а заштитата трае од седум месеци до една година.
Иако вакцините се најефикасна заштита од Ковид-19, на луѓето со ослабен имунитет и на оние кои лошо реагирале на вакцините им треба алтернатива, рече една од директорките на ФДА, Патриша Кавазони.
Сепак, ФДА додаде дека лекот на „Астра Зенека“ не е замена за вакцинирањето.