Поранешната ѕвезда на „Дизни“, Сабрина Карпентер (24) сними провокативен видеоспот за нејзината нова песна „Feather“, со кој ги вознемири католиците. Свештеникот Џејми Џигантиело, кој ѝ дозволил на пејачката да снима во црквата, беше казнет веднаш по објавувањето на видеоспотот, пишува „Њујорк тајмс“.
Во спотот за песната „Feather“, пејачката заигра пред олтарот облечена во краток црн фустан од тул. Во песната таа пее за токсичните врски и заклучува дека без такви мажи во животот „се чувствува лесно како пердув“. На крајот од видеото, на олтарот се поставени пастелни ковчези со мажите кои починале претходно во спотот.
Видеоспотот беше објавен пред три недели, за Денот на вештерките и веднаш предизвика негативни реакции кај верниците на Бруклинската епархија, поради тоа што е снимено во црква.
„Епископот Роберт Бренан е згрозен од она што беше снимено во црквата Благовештение на Пресвета Богородица во Бруклин. Парохијата не ја следеше епархиската политика во однос на снимањето на црковниот имот, што вклучува прегледување на сцени и сценарија“, се вели во соопштението.
Верниците беа згрозени, па епископот Бренан мораше да одржи репаративна миса. Не долго потоа, на свештеникот Џигантиело му беа одземени сите административни должности.
По овој немил настан, казнетиот свештеник се извини на фејсбук-страницата на црквата, нарекувајќи го музичкото видео „срамно прикажување“.
„Не знаев што се снима“, напишај тој.
Тој објасни дека имало проблем во комуникацијата со продуцентите на видеото. Имено, тие наводно не прецизирале какво видео ќе се снима и само изјавиле дека се работи за проект со Сабрина Карпентер.
Џигантиело ја пребарал младата пејачка на интернет, а бидејќи не нашол ништо спорно кај неа, дозволил снимање. Тој вети дека профитот од видеото ќе го донира на Центарот за поддршка на жените ризична бременост во Њујорк.