Градоначалникот на еден мал град во Перу се преправал дека е мртов бидејќи полицијата го фатила како ги крши мерките воведени поради коронавирусот додека пиел со пријателите. Хаиме Роландо Урбина Торес е снимен како лежи во отворен ковчег со маска на лицето. Тој бил фотографиран од полицијата, која потоа го уапсила во градот Тантар, на југот од земјата.
Полицијата соопшти дека тој ги прекршил полицискиот час и законите за социјално дистанцирање за да пие алкохол со пријателите, и бил пијан кога го уапсиле.
Мештаните претходно го обвинија Торес дека заканата од коронавирусот не ја сфатил сериозно и дека не презел мерки на претпазливост во градот. Тие тврдат дека Торес поминал само осум дена во градот од 66-те дена откако градот е во карантин и дека не успеал да спроведе какви било локални мерки за безбедност.