Во жариштето на корона вирусот што избувна во еден чешки клуб, регистрирани се 98 позитивни случаи, меѓу кои има и фудбалери од повеќе прашки клубови, соопштија денеска здравствените власти.
Властите се сомневаат дека една жена која немала никакви симптоми е извор на инфекција на роденденската забава организирана на 11-ти јули во клуб во центарот на Прага. Според здравствените власти во Прага, 68 посетители во клубот, седум вработени и 23 членови на семејството и контакти биле позитивни за вирусот корона, додека други 237 биле ставени во карантин.
Откако некои медиуми напишаа дека дел од посетителите се заразиле преку пиење од иста сламка, од луѓето е побарано да држат социјална дистанца, а уредот за јавно здравство во Прага издал препорака до граѓаните да консумираат пијалоци од сопствени чаши.
Вчера во земјата се регистрирани 274 нови случаи, што е најголем број од врвот на инфекцијата на крајот на јуни, поради што чешкиот премиер Андреј Бабиќ рече дека носењето маски повторно може да биде обврзувачка мерка на одредени затворени места.
Вкупниот број на инфекции во Република Чешка е 14.570, сепак, бројот на хоспитализирани е 141, што е третина од заразените за време на врвот во април.