Македонскиот поп-пејач Ламбе Алабаковски ја потпалил вратата од клубот „Иван Михајлов“ во Битола, објави весникот „Слободен печат“.
Како што неофицијално дознава „Слободен печат“ уапсениот е Алабаковски кој неодамна се врати со семејството од САД во родниот крај и изјави дека повеќе сака да живее во Македонија.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов” во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода. Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон”, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара“, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Центарот „Ванчо Михајлов” пред 3 дена во Битола објави дека се опожарени нивните простории и дека очекуваат од институциите во најбрз можен рок целосно да го расветлат случајот.
Изгорени се влезната врата и натписот „Ванчо Михајлов“ од Бугарскиот клуб на улица Рузвелтова во Битола. Внатре не е нанесена штета.
Љупчо Ѓоргиевски, претседателот на Културниот центар „Иван Михајлов”, вели дека пожарот е подметнат рано утрово во пет часот и дека соседите повикале пожарна и бил изгаснат, па не се проширил врз други делови од објектот.