Претседателот на државата, Стево Пендаровски на денешното обраќање од претседателската резиденција на Водно соопшти дека во Брисел се завршени координациите на членките на ЕУ и дека на 26 март Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тој потврди дека е откажана свечената церемонија во Стејт департмент во Вашингтон на која требало да присуствуваат генералниот секретар Јенс Столтенберг и Мајк Помпео, државниот секретар на САД.
Пендаровски исто така информираше дека во понеделник во 16:00 часот закажа средба на Советот за безбедност на кој покрај стандардните членови ќе присуствуваат и министерот за здравство и првиот човек на Генералштабот на армијата.
Инаку, на влезот во Вилата на Водно на секој новинар му беше мерена температура. Новинарите беа известени дека доколку некој има температура повисока од 37,5 нема да може да присуствува на прес-конференцијата.